Социјалните мрежи треба да бидат недостапни за деца под 16 години доколку нема изречна согласност од родителите – ова е пораката што Европскиот парламент ја испрати преку новата резолуција за возрастни ограничувања на дигиталните платформи, усвоена со големо мнозинство. Иако документот нема обврзувачка сила, европратениците сметаат дека тој е важен политички сигнал упатен до земјите-членки да преземат посериозни мерки за заштита на младите.

Резолуцијата доаѓа во време кога растат загриженоста и доказите дека прекумерната изложеност на интернет може сериозно да го наруши менталното здравје кај тинејџерите. Европската комисија веќе го разгледува австралискиот модел – целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 16 години – кој стапува во сила следниот месец.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште во септември предупреди на опасностите од дигиталните алгоритми:
Таа ги критикуваше „алгоритмите што ја злоупотребуваат ранливоста на децата“ и нагласи дека многу родители се чувствуваат беспомошни пред „цунамито од содржини што го носат големите технолошки компании“. Фон дер Лајен најави и формирање експертски панел до крајот на годината, кој ќе предложи соодветни мерки за заштита на малолетниците од онлајн ризици.

Интересот за построги ограничувања за младите расте во повеќе европски земји. Минатогодишниот француски експертски извештај, нарачан од претседателот Емануел Макрон, препорача драстични промени: целосна забрана за користење паметни телефони до 13 години и пристап до социјалните мрежи дури по 18-годишна возраст.

Exit mobile version