Градските власти во офанзива за побезбедно Скопје. Смарт зелен бран, поставување лежечки полицајци, сообраќајни знаци и камери на јавните површини.

Како почна да функционира Сејф сити, така на површина се издигна проблемот со немањето на доволно сообраќајни знаци во метрополата, особено знаци за дозволена брзина. Ѓорѓиевски и Тошковски изброиле дека Скопје има 150 критични точки, па во следниот период договориле синхронизирана акција на министерството и градот за нивно санирање.

Со измената на законот за поставување лежечки полицајци, сега градот може да постави секаде, каде има значаен број на сообраќајки.

Тајмерите на семафорите заминуваат во минатото. За побезбедно Скопје Ѓорѓиевски најави смарт зелен бран. Проект за кој се одобрени 25 милиони денари.

„По сите студии е докажано дека од една страна тоа е добро за предупредување на граѓаните, но од друга страна по студија е докажано. На позиции каде што имало тајмери во минатото, на секунда жолто, секунда црвено или секунда зелено честопати се случувало да има сообраќајки. Така да тоа го отфрламе како опција и ќе одиме на смарт зелен бран“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.

Следно, Улици и патишта ќе распишат тендер за набавка на потребната опрема за смарт зелен бран, па по неговото завршување, службите ќе ги постават на семафорите.

„Точни мерачи, бројачи, јамки кои точно ќе детектираат ако на Водњанска има 3 возила, колку време треба да трае протокот, ама ако на друг булевар има притисок од 1.500 возила или кај Мавровка како треба да функционираат семафорите“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.

Ќе се инсталираат и камери за да се спречат вандалите кои последните години таргетираат и уништуваат исти паркови, без разлика колку пати да бидат реновирани. Ќе биде ловен секој кој прави штета прво во Градскиот парк, а потоа и останатите.

Exit mobile version