Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Преподобен Теодор Сикеот

Место на неговото раѓање е селото Сикеа, заради што го нарекоа Сикеот. Уште како десетгодишно момче се предаваше на тврд пост и сеноќна молитва, по примерот на некој старец Стефан, којшто живееше во неговиот дом. Неговата мајка Марија беше богата вдовица и сакаше својот син да го посвети на воената служба. Но во сон ? се јави Св. Георгиј и ја извести дека Теодор Му е наменет на служба не на земниот туку на небесниот Цар. Св. Георгиј многупати му се јавуваше и на самиот Теодор или за да го поучи или за да го спаси од некоја опасност во којашто би западнал од злобните демони. Имаше и неколку виденија на Пресвета Богородица. Неговиот подвиг со суровоста ги надминуваше подвизите на сите живи подвижници на неговото време. Телото си го измачуваше со жед и глад и со железни вериги и сеноќно стоење на молитва. С ? само за да ја врзе душата со љубовта кон Бога и да ја направи господарка над телото. На неговата љубов милостивиот Господ одговори со љубов. Му подари голема моќ над нечистите духови и над сите болести и маки човечки. На сите страни се прочу како чудотворен исцелител. Заради големата чистота и духовност и покрај неговата волја беше избран за епископ Анастасиополски. На епископската служба помина единаесет години, а потоа Го измоли Бога да го ослободи од таа служба за повторно да му се посвети на својот омилен подвиг. Потоа се врати во својот манастир, каде што на старост Му ја предаде својата душа на Господ заради Кого драговолно многу страдаше. Се упокои во почетокот на царувањето на царот Ираклиј, околу 613 година.

Тропар
Светлината тивка те збогати со дарови неискажливи во слава Нејзина, за да се излеваат преку тебе, свети Теодоре, над родот човечки, и како чудотворец пред нашите очи те претстави, кој брзо нашите молби пред Господ ги принесува. Радувај се ти, кој заштитен од плаштот на великиот Георгиј, угодник на Пресветата, Христос со благодатна плаштаница те обви, и за нас моли се пред Преблагиот Владика.

Светиот маченик Леонид

Таткото на Ориген. Пострада за Христа во Александрија во 202 година. Најпрво со царски указ му го одзедоа сиот имот, а потоа го осудија на смрт. Ориген му пишуваше на својот татко во затворот: „Не грижи се за нас и не го одбегнувај мачеништвото заради нас“ (т.е. заради децата).

Преподобниот монах Виталиј

Во времето на патријархот Јован Милостив се појави еден млад монах којшто штом дојде состави список на сите блудници во Александрија. Дење се грабаше да ги работи најтешките работи, а ноќе одеше во домовите на блудниците, ги даваше парите на некоја блудница и со неа ќе се затвореше в соба цела ноќ. Штом ќе се затвореа Виталиј ќе ја замолеше жената таа да легне да спие, а тој во аголот на собата цела ноќ ќе ја поминеше молејќи се на Бога за таа грешница. Така ќе ја сочуваше да не греши барем една ноќ. Наредната ноќ ќе отидеше кај друга, третата кај трета и така с ? дури не ги изредеше сите, а потоа почнуваше од почеток. По неговите совети многу од овие жени го оставија својот валкан занает и едните се омажија, други отидоа во манастир, трети тргнаа да работат чесно за својот леб. На сите овие жени Виталиј им забрануваше да објавуваат зошто оди кај нив. Заради ова тој стана соблазна за цела Александрија. Луѓето на улица го навредуваа, го плукаа, а и го тепаа. Но тој трпеливо поднесуваше с ? , покажувајќи ја својата добродетел пред Бога, а криејќи ја од луѓето. За него се дозна дури кога умре. На неговиот гроб почнаа да се случуваат многу чудесни исцеленија; народот од разни страни почна да ги донесува своите болни на гробот на Свети Виталиј. Плукан од луѓето, придоби слава од Бога од Кого ништо не е сокриено.

Тропар
Блажен си ти, Виталие, кој благослов Божји за подвиг бестелесен измоли и благословен е Господ Кој тоа од острастените не го сокри, за да остане судот при Христа Бога, во Кого е милоста голема: а смирението и трпението нека бидат лек за телесните, по твоите свети молитви, о црнорисче.

Свештеномаченик Платон Бањалучки

Епископ Платон (световно име Миливоје) се родил во Белград, во 1874 година. Бил замонашен како ученик во трета година богословие. Кога завршил богословие, бил ракоположен за ѓакон и презвитер. Во текот на Првата балканска војна во 1912 година бил бригаден свештеник, а во Првата светска војна бил воен свештеник. Кратко време бил администратор на Охридската епархија. За епископ Охридско-битолски бил избран во 1938 година, а по една година бил преместен во Бања Лука. Таму го дочекал почетокот на Втората светска војна. На 5 мај 1941 година бил уапсен и веднаш потоа бил убиен надвор од градот. Во 1998 година бил вброен во диптихот на светители. Неговиот свет спомен се слави на 22 април/5 мај.

04.05.2022 - 16:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега