Градежните компании во иднина ќе мора да издвојуваат најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти за млади брачни парови до 35 години, а становите ќе се продаваат по најмалку 20 проценти пониска цена од просечната во соодветната катастарска општина. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, објаснувајќи дека целта е да се олесни решавањето на станбеното прашање за младите семејства.
„Секоја градежна компанија која што во иднина ќе гради објекти за домување мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина за домување, која што потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до триесет и пет годишна возраст по цена која што ќе биде минимум дваесет проценти пониска од цената која што се нуди за таа катастарска општина, која што била актуелна во претходната година“, изјави Мицкоски.
Премиерот појасни дека основа за пресметување на цената ќе бидат реално склучените купопродажни договори од претходната календарска година.
„Точно ќе знаеме врз основа на склучените купопродажни договори колкава била претходната календарска година цената во таа одредена катастарска општина за станбени единици. Просекот точно знаеме колку можеме да го пресметаме и дваесет проценти од тоа ќе биде со попуст, односно поевтино ќе биде понудено на млади брачни парови до триесет и пет годишна возраст“, рече премиерот.
Според Мицкоски, со ваквиот пристап Владата сака директно да влијае врз цените на становите, наместо да се применуваат досегашните модели на субвенционирање на станбените кредити.
„На овој начин цениме дека го олеснуваме решавањето на ова егзистенцијално прашање, а тоа е домувањето. Знам дека во минатото имаше разноразни иницијативи да се плаќа еден, два, три проценти од каматите на кредитите, на зајми и слично. Не, нашиот пристап е директен и јасен и прецизен. Не еден, два, три проценти, туку минимум дваесет проценти пониска цена за метар квадратен за брачен пар до триесет и пет години, која што ќе се споредува со просекот за катастарската општина од претходната календарска година, за да нема понатаму шпекулации“, изјави Мицкоски.

