Европската Унија остро ги осуди „постојаните и провокативни активности“ на Белорусија насочени против ЕУ и нејзините земји членки, оценувајќи ги како неприфатливи и во спротивност со изјавите на белорускиот претседател Александар Лукашенко за подобрување на односите со блокот. Ова го соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Упадите на метеоролошки балони од Белорусија во воздушниот простор на Литванија, кои предизвикаа прекин на стотици летови и значителни загуби на литванските аеродроми и за илјадници патници, претставуваат обид за дестабилизација на земја членка на ЕУ и заплашување на европските граѓани, преку директни закани по цивилното воздухопловство,“ истакна Калас во писмена изјава.

Според неа, овие инциденти не се изолирани случаи, туку дел од поширока хибридна кампања што, покрај балоните, вклучува и илегално префрлање на мигранти спонзорирано од државата.

Сите овие активности мора веднаш да престанат. Апелираме до белорускиот режим без понатамошно одложување да донесе ефикасни мерки за контрола на својот воздушен простор, државна граница и територија, како и да ги запре организираните криминални активности што тој ги поттикнува,“ додаде Калас.

Таа нагласи дека, покрај постојните санкции кон Минск, ЕУ е подготвена да воведе и дополнителни мерки доколку ваквите активности продолжат.

ЕУ изразува целосна солидарност со Литванија и сите други земји членки погодени од хибридните активности на Белорусија. Нема да толерираме никакви хибридни кампањи насочени против ЕУ или која било од нејзините земји членки,“ потенцира Калас.

Exit mobile version