ЈСП „Скопје“ соопшти дека надлежните служби веќе ги спроведуваат сите неопходни проверки за да се утврди точната причина за пожарот што претпладнево го зафати автобусот на линијата 25 кон Водно.

Во инцидентот нема повредени лица, а пожарот не ја зафатил парк-шумата „Водно“. Од претпријатието велат дека поголеми последици биле спречени благодарение на брзата и присебна реакција на возачот.

„Во мигови кога секоја секунда е драгоцена, возачот реагирал брзо, присебно и одговорно. Веднаш ги презел сите неопходни мерки и со својата навремена реакција спречил многу посериозни последици, поголема материјална штета и проширување на огнот кон околниот простор“, соопшти ЈСП.

Од претпријатието изразија благодарност до возачот за покажаната храброст, смиреност и професионалност и нагласија дека безбедноста на патниците останува нивен највисок приоритет.

Во гаснењето на пожарот учествувале две противпожарни возила и седум пожарникари од скопската Противпожарна бригада.

Командирот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски, потврди дека возачот го паркирал автобусот на соодветно место, со што било спречено огнот да се прошири во околината.

ЈСП најавува дека по завршувањето на проверките јавноста ќе биде информирана за точната причина за пожарот.

Exit mobile version