Јанев: Полицијата не е само служба, таа е стожер на државата, нема да дозволиме да биде инфилтрирана од внатрешен криминал

 

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев преку Фејсбук испрати порака дека полицијата го чисти криминалот во своите редови по вчерашната акција во која опфатени се 11 луѓе под сомнение дека за парична корист овозможувале лица кои илегално претстојувале во државата да се стекнат со регулиран престој. 

Во акцијата опфатени се и седуммина полициски службеници. 

-Решително и без компромиси преземаме мерки за внатрешно чистење и гонење на сите организирани или поединечни криминални дејствија на нечесните колеги. Јасно и недвосмислено повторно упатувам порака до секој припадник на полицијата – криминалот ја разорува институцијата одвнатре и нема да дозволиме тој да тлее во нашите редови. Сите ние сме одговорни да се бориме за интегритет, професионалност и чесност. Само преку непоколеблива одговорност и етичко постапување можеме да ги минимизираме системските дегенеративности, да изградиме подобра иднина, да ја зачуваме довербата на граѓаните и да се гордееме со угледот на полицијата и државата. Полицијата не е само служба – таа е стожер на државата! Нема да дозволиме таа да биде инфилтрирана од внатрешен криминал, дециден е Јанев.

Директорот во своето обраќање на Денот на полицијата кој се одбележува на 7 Мај, на нечесните полициски служебници им порача дека криминалот нема иднина, како и дека Македонија е држава во која владее законот, а не во која царуваат валкани зделки. Јанев тогаш им испрати порака и на раководните лица во БЈБ во која децидно потенцираше дека функцијата не им е штит и дека никој не е над Законот.

-Сакам најдоблесно да им се обратам на сите раководни лица од Бирото за јавна безбедност на сите кои како раководство им дадовме шанса, поддршка. Функцијата не ви е трофеј, таа е одговорност. Не заборавајте дека никој не е вечен. Во едно современо општество не владее поединецот, владее правото. Ако заборавивте зошто сте таму, ќе ве потсетиме, ако мислите дека функцијата ви е штит, грешите. Ние не сме тука за да владееме, ние сме тука да служиме со чест, со работа, со интегритет. Никој не е над законот, па дури ни никој од нас – порача Јанев.

Нагласи дека најважно е што ја почнале најрешителната борба против криминалот и корупцијата.

23.05.2025 - 13:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега