Денеска (25.09.2026), директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со директорот на Царинската управа Бобан Николовски, ги поздрави учесниците и додели дел од сертификатите на учесниците на втората обука во рамки на Регионалната програма за сертификација на водичи на службени кучиња за мириси на производи за 2026 година.
Во своето обраќање, Јанев истакна дека обуката е многу повеќе од стекнување нови знаења и вештини, бидејќи претставува пример како заедништвото, регионалната соработка и размената на искуства придонесуваат за посилна и поподготвена полиција.
„Службените кучиња и нивните водичи се важен дел од полициското работење во откривањето дрога, оружје, експлозиви и други недозволени предмети, но и во обезбедувањето на јавниот ред и мир и јавната безбедност, како и во реализацијата на најсложените полициски задачи“, истакна Јанев.
Тој посочи дека Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи во изминатиот период бележи значајни оперативни резултати и учествува во голем број полициски активности и акции.
„Само во 2026 година, тимовите со службени кучиња беа ангажирани во над 250 случаи за откривање експлозиви и експлозивни направи, како и во бројни случаи за откривање опасни дроги, оружје и муниција. Тоа се резултати зад кои стојат професионалност, дисциплина, посветеност и силна тимска работа“, нагласи директорот на Бирото за јавна безбедност.
Јанев изрази благодарност до Мисијата на ОБСЕ и донаторската заедница за континуираната поддршка и доверба, како и до Европската агенција за гранична и крајбрежна стража и нивните стручни тренери за знаењето и искуството што го пренесуваат на полициските службеници.
„Кога споделуваме знаење, искуство и одговорност, стануваме посилни заедно. Продолжуваме да инвестираме во луѓето, знаењето и современите полициски капацитети“, истакна Јанев.

