Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Јавниот обвинител Дарко Јакимовски презентираше серија електронски докази и видео снимки од социјалните мрежи и медиумите, кои ги документираат настапите на групата ДНК и моментот на избувнување на трагедијата.
Обвинителот појасни дека овие материјали се клучни за утврдување на начинот на кој групата користела пиротехника во затворени простории.
„Видеата покажуваат дека групата имала јасно дефиниран сценски распоред, кој се повторувал на повеќе настапи, а пиротехничките средства биле користени и во затворени простори“, истакна Јакимовски.
Посебен акцент во судницата беше ставен на движењето на починатиот член на групата, Мартин Атанасов-Буци, непосредно пред несреќата.
Јакимовски ги прикажа и снимките од критичната вечер, на кои јасно се гледа моментот кога се активира огнометот и се појавува првиот пламен. Видеата ја потврдуваат и паниката кај единствениот излез.
„На некои од снимките се гледа и излезот од дискотеката од надворешната страна, каде голем број луѓе се обидуваат да излезат низ една единствена врата“, потенцираше обвинителот.
Обвинителството ја посочи и точната локација на почетокот на пожарот, како и моментот на активирање на прскалките, користејќи ги снимките направени од присутните гости во дискотеката.


