Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати серија обвинувања до власта, нарекувајќи ја коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ „најголем бугарофилски колектив“. Според неа, функционери од власта поседуваат бугарски пасоши додека истовремено ја блокираат европската иднина на државата.
Кузеска истакна дека лажниот патриотизам се користи како параван за лични интереси и криминал.
„Министри, пратеници, директори, функционери – сите со црвени пасоши на ЕУ, а глумат лажни патриоти пред народот. Дури и семејството на Мицкоски има бугарски пасоши. Семејството на нивниот главен медиумски пропагандист и главен ПР советник на Мицкоски – Драган Павловиќ Латас исто така има бугарски пасоши“, изјави Кузеска.
Таа додаде дека на власта не и одговара европска и правна држава, туку изолирана и корумпирана Македонија.
„Малцинствата се наши соседи, другари, пријатели, колеги… тоа не се никакви терористи. Единствено ВМРО ја тероризира Македонија. Спроведува државен тероризам затоа што нè држи во блокада и далеку од ЕУ“, потенцираше портпаролката на СДСМ.
Според Кузеска, СДСМ останува на страната на европската иднина и реформите, наспроти политиката на „вештачки конфликти“ што ја води актуелната власт.


