Битолчанка остана без 20.000 евра по телефонска измама во која непознат маж ѝ продал приказна за „несреќен случај“ со нејзината ќерка и итна операција со златни шипки. Жената, на возраст од 70 години, во страв дека детето ѝ се бори за живот, собрала сè што имала и за неколку часа ги предала парите – дури подоцна, кога лично се слушнала со ќерката, сфатила дека станува збор за класична измама.
Според пријавата во СВР Битола, поднесена вчера во 10:19 часот, непознато лице се јавило на домашниот телефон на пензионерката и се претставило како човек што е со нејзината ќерка во болница. Во драматичен тон ѝ кажал дека ќерката паднала по скали, ја искршила вилицата и ногата и дека лекарите мора веднаш да ѝ стават златни шипки, но операцијата наводно не можела да започне без готови пари. Измамникот инсистирал да се реагира веднаш, без јавување во други институции и без многу прашања.
Исплашената жена, убедена дека од брзината зависи здравјето на ќерката, собрала 20.000 евра и ги однела на договорено место, како што ѝ било кажано по телефон. Таму ги оставила парите, без директен контакт и без било каква потврда. Дури откако подоцна ѝ се јавила ќерката и ѝ кажала дека е добро и дека воопшто немала несреќа, станало јасно дека е жртва на добро познат, но сè поагресивен модел на телефонска измама. Случајот е пријавен во полиција, а од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и идентификација на измамникот.

