Иво Ранѓеловиќ: Резолуцијата може да биде триумф на државното единство кое недостасува 30 години

Резолуцијата што во Парламентот ја иницираше опозицијата е пред се прашање кое е многу поважно за Македонија внатре, отколку за разговорите со Бугарија, смета политикологот и политички аналитичар, Иво Ранѓеловиќ. Во интервју за Прес 24, потенцира дека од односот на опозицијата ќе зависи дали овој процес ќе завршин успешно, или не.

-Суштината на евентуалното изгласување на Резолуцијата не треба да ја бараме исклучиво во исходот на дијалогот Скопје-Софија, туку во справувањето со состојбата на македонското општество, психолшки искасапено по вертикала и хоризонтала од политичките елити изминативе неколку децении, вели Иво Ранѓеловиќ во интервју за Прес24.

Според него изборите во Бугарија се само дел од целиот процес, но од нив нема да зависи и исходот од дијалогот Скопје-Софија.

-Без разлика на резултатската конфигурација од изборите во Бугарија, новата влада ќе биде под силен притисок од меѓународниот фактор со цел изнаоѓање решение за спорот со Македонија, смета Ранѓеловиќ.

Сепак, според него она што во моментов е конфузно е односот на Словенија како претседавач со Европската Унија.

-Словенечкото претседателство рефлектира една конфузна ситуација од која тешко е да се предвиди што може да се очекува. Од една страна го имате словенечкиот претседател Борут Пахор кој иницира средба со Радев во Софија со цел изнаоѓање решение во спорот со Скопје, што укажува на јасните намери на словенечкото претседателство. Од друга страна го имаме словенечкиот премиер Јанез Јанша кој е склон на Орбанистика и пркоси на се она за кое се залага Европската унија. Почнувајќи од оние нон-пејпери па се до неговите непромислени изјави, тешко е да се формира јасна слика за тоа како словенечкото претседателство предводено од премиер од типот на Јанез Јанша може да придонесе за спорот помеѓу Скопје и Софија, вели Иво Ранѓеловиќ, политиколог во интервју за Прес24.

ПРЕС24: На предлог на опозицијата пред Парламентот се наоѓа иницијатива за едногласна Резолуција за заштита на црвените линии во преговорите со Бугарија. Дали ваквата Резолуција ќе помогне во идните разговори, или ќе биде нов меѓник во дијалогот Скопје-Софија?

РАНЃЕЛОВИЌ: Иницијативата за консензуалност во однос на македонските црвени линии преку Резолуција во Парламентот е тест за капацитетот на политиката во Македонија. На истата гледам како можност да се деконструира митот за несплотеноста на домашните политички чинители. Досега, поривот на поделбите помеѓу партиите во Македонија бил исклучиво резултат на личниот интерес, а не толку на некакво идеолошко крстоноство. Затоа сметам дека суштината на евентуалното изгласување на Резолуцијата не треба да ја бараме исклучиво во исходот на дијалогот Скопје-Софија, туку во справувањето со состојбата на македонското општество, психолшки искасапено по вертикала и хоризонтала од политичките елити изминативе неколку децении. Ќе завршам со ставот дека едногласна Резолуција е секогаш коњуктурност за една држава да ги издигне националните интереси над партиските и/или личните. Доколку истата не биде изгласана поради страв од политичко поентирање на опозицијата, тоа ќе значи триумф на вечниот дискурс на политичката некултура.

ПРЕС24: Бугарија е пред нови избори, анкетите не ветуваат формирање стабилна политичка влада. Како го гледате развојот на настаните по неделното гласање?

РАНЃЕЛОВИЌ: Бугарската позиција, покрај декларациите во Собранието, е поткрепена и со еден преќутен консензус во однос на македонското прашање што дополнително ја отежнува ситуацијата. Но, политичката пракса остава простор за решавање на спорот. Имено, позициите на ГЕРБ се значително омекнати во однос на ветото и токму тоа е гумата за спасување на политичкиот опстанок на Борисов и луѓето околу него, на кои очајно им е потребна поддршката од ЕУ и САД. Од друга страна, Слави Трифонов е шоумен без значително политичко искуство што го прави неговото дејствување во најмала рака непредвидливо. Без разлика на резултатската конфигурација од изборите во Бугарија, новата влада ќе биде под силен притисок од меѓународниот фактор со цел изнаоѓање решение за спорот со Македонија. 

ПРЕС24: Моменталната меѓунарнодна позиција на Македонија по второто вето од Бугарија е со силна поддршка, но сепак реалните шанси за притисок врз Бугарија се мали?

РАНЃЕЛОВИЌ: Ситуацијата со Бугарија е повеќе смешна отколку деликатна. Македонија, но се чини и ЕУ, е заложник во една политичка драма во која Бугарија поставува барања кои не се компатибилни со цивилизациските вредности на векот во кој живееме. Сепак, во политичкиот контекст Бугарија нема да го издржи притисокот на долгорочен план. Новиот предизвик се издига во делот на тоа дали ќе се појави некоја ,,нова’’ Бугарија на патот на македонските евро-интегративни процеси. Суштината е дека овојпат, покрај притисокот врз Бугарија, македонската дипломатија треба да цели кон гаранции - нешто што изостана во договорот од Преспа. 

ПРЕС24: Словенечкото претседателство со ЕУ е шанса и само надеж?

РАНЃЕЛОВИЌ: Словенечкото претседателство рефлектира една конфузна ситуација од која тешко е да се предвиди што може да се очекува. Од една страна го имате словенечкиот претседател Борут Пахор кој иницира средба со Радев во Софија со цел изнаоѓање решение во спорот со Скопје, што укажува на јасните намери на словенечкото претседателство. Од друга страна го имаме словенечкиот премиер Јанез Јанша кој е склон на Орбанистика и пркоси на се она за кое се залага Европската унија. Почнувајќи од оние нон-пејпери па се до неговите непромислени изјави, тешко е да се формира јасна слика за тоа како словенечкото претседателство предводено од премиер од типот на Јанез Јанша може да придонесе за спорот помеѓу Скопје и Софија. 

ПРЕС24: Во тој контекст колку е реално да се очекува дека американската администрација може да го преземе приматот на покровител на дијалогот Скопје – Софија, со оглед на тоа што Европската Унија во континуитет се покажува како неспособна за решавање на конфликти?

РАНЃЕЛОВИЌ: Не би ја потценил способноста на Европската Унија во решавањето на конфликти, туку би ставил акцент на приоритетите на Унијата која се справува со сериозни проблеми одвнатре. Експлицитниот став на ЕУ е дека проширувањето со членки кои објективно не се спремни да и се придружат на Унијата, може да ги продлабочи проблемите со кои веќе се соочува Брисел. Тука се судира интересот на ЕУ со оној на САД, кој пак гледа развој на евроскептицизмот на Западен Балкан, а со тоа и стварање на вакум кој може да биде пополнет од не-западен центар на моќ. Следствено на тоа, американскиот приклучок кон решавање на спорот може да се очекува доколку спорот се одолговлечи до степен по кој евроскептицизмот ќе ја доведе во прашање стабилноста на регионот. 

ПРЕС24: Според она што се случува во Бугарија изминативе три месеци, дали бугарското општество е во фаза на рекомпонирање на влијанијата. Односно процес на дорасчистување со руското влијание, наспроти американските интереси на Балканот?

РАНЃЕЛОВИЌ: Владата на ГЕРБ предводена од Бојко Борисов најадекватно го осети притисокот на САД, со оглед на тоа дека истата беше срушена како кула од карти во моментот кога јавно се спротивставуваше на американските позиции. Сега истата гарнитура на ГЕРБ има променети позиции кон ветото врз Скопје, како и на многу други точки во бугарската политика, при тоа се наметнува и како најповолен кандидат во очите на македонската јавност со цел кревање на ветото. Политичката иронија кажува дека истата гарнитура која го постави ветото е најповолна за негово кревање. Тоа е резултат на американското влијание на Балканот, за кое многу политички чинители на овие простори наивно сметаат дека може да му се спротивстават.

ПРЕС24: На домашната политичка сцена Македонија ја чекаат избори за локална власт, но и попис по 20 години.  Што може да се очекува?

РАНЃЕЛОВИЌ: Локалните избори имаат своја специфика, која не е во директна корелација со случувањата во надворешната политика. Она што е важно, а се помалку се зборува, е се поголемото отсуство на нерегуларности, инциденти и обвинувања за гласачкиот процес. Сметам дека во тој дел Македонија покажува исклучителен напредок. Општествената незрелост да се гласа за партијата во прв план, а кандидатот во втор, е пак тема за некоја друга дискусија.

Пописот е еден од оние фундаменти на општествено функционирање за кои не треба да се крева прашина со негово политизирање. Апропо изгласувањето на Резолуцијата, пописот исто така претставува еден тест за македонската политика во обидот да се надминат партиските интереси кои се наметнуваат како бариери на општествениот развој.

ПРЕС24: Дали по локалните избори може да следува и процес на предвремени параламентарни избори?

 

РАНЃЕЛОВИЌ: Праксата покажала дека во зависност од резултатската констелација на локалните избори може да се размислува и за предвремени парламентарни избори. Генерално, сметам дека овие избори се тест за политиките на владеачката партија, но и пресудни за опстанокот на раководството на најголемата опозициска партија. Како политиколог не сум приврзаник на предвремени избори бидејќи во тој случај една влада не е во состојба да го исполни својот потенцијал. Политичкиот моментум во Македонија укажува на тоа дека потребна е политичка влада со консензуални црвени линии, а не избори низ кои ќе се одолговлечи проблемот, а со тоа и перспективите на државата. 

11.07.2021 - 13:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега