Иран му предложи на САД седумдневен план за повторно отворање на стратешки важната Ормуска Теснина, според кој пловниот пат би бил целосно отворен на седмиот ден, доколку бидат исполнети одредени услови, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Зборувајќи пред новинарите на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Арагчи нагласи дека по повторното отворање на Теснината би продолжиле и пошироките преговори меѓу Иран и САД. Иако не навлезе во детаљни појаснувања за сите услови, тој истакна дека тие „не се ништо повеќе“ од она што двете земји веќе го договориле во јуни.
Според информациите што ги објавија „Њујорк тајмс“ и „Си-Ен-Ен“, иранскиот предлог бил доставен до американската страна преку посредник. Истовремено, претставник на Белата куќа потврди за „Си-Ен-Ен“ дека САД и Иран водат „позитивни и конструктивни разговори преку посредниците“.
Иранските барања и блокадата на теснецот
Во меѓувреме, иранските државни медиуми пренесоа дека условите на Техеран за отворање на Ормуската Теснина вклучуваат итно укинување на американската поморска блокада долж иранскиот брег, ослободување на сите замрзнати ирански средства, како и целосен прекин на воените дејствија на сите фронтови.
Овој дипломатски чекор доаѓа откако претставници на САД и Иран во вторникои остварија директни разговори на маргините на ОН, што претставуваше прв ваков контакт меѓу двете земји по неколку месеци.
Контролата врз Ормуската Теснина, која претставува клучн поморски пат за транспорт на нафта и течен природен гас, и понатаму останува една од најчувствителните и најспорни точки во односите меѓу Вашингтон и Техеран.


