Иранската војска започна масовни напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати. Како што пренесува иранската агенција „Фарс“, овој напад е директна одмазда за заедничките воени операции на САД и Израел на иранска територија.
На мета се најдоа клучните бази Ал Удеид во Катар, Ал Салем во Кувајт, Ал Дафра во ОАЕ, како и американската поморска флота во Бахреин. Од Катар потврдија дека ракетите биле насочени кон нивната територија, но биле соборени од катарската ПВО. Слична е ситуацијата и во Кувајт, каде се огласија сирените и беа пресретнати ракети во близина на седиштето на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ).
„Ситуацијата во Катар е стабилна и безбедна и во моментов нема индикации што предизвикуваат загриженост за внатрешната безбедност“, соопшти претходно Министерството за внатрешни работи на Катар, иако дел од американскиот персонал веќе е евакуиран.
Тензиите дополнително ескалираа откако експлозии одекнаа и во Абу Даби и Ријад, а ОАЕ делумно го затвори својот воздушен простор. „Овој напад е грубо кршење на националниот суверенитет и меѓународното право, а ОАЕ го задржува правото да одговори на ескалацијата“, се наведува во официјалното соопштение.

