Полициска акција на повеќе локации во Штип и Скопје поради сомневања за злоупотреби и манипулации со електронскиот систем за евиденција на студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Според неофицијални информации до кои дојде Сител, под сомнение е раководителот на информатичкиот сектор на Универзитетот, кој наводно подолг период за паричен надомест вршел незаконски интервенции во студентската евиденција.
Извори на Сител откриваат дека осомничениот, меѓу другото, наводно менувал бодови од испити, бришел оценки и овозможувал запишување семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови. Според истите извори, ваквите услуги најчесто им биле нудени на студенти од Турција, кои во значителен број студираат на штипскиот универзитет.
Неофицијално, при претресите во домот на осомничениот била пронајдена и поголема сума пари, за која засега нема официјални информации за износот и потеклото.
Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија полициската акција и соопштија дека претресите се вршат по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип.
„Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем од страна на Р.Т., раководител на информатички сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип“, информираат од МВР.
Полициската акција сè уште трае, а од МВР најавуваат повеќе информации по нејзиното завршување. Засега нема официјална потврда колку студенти биле опфатени со сомнителните интервенции во универзитетскиот систем, ниту колку пари наводно биле наплаќани за ваквите услуги.

