Седумдесет и четиригодишен жител на тетовското село Палатица се здобил со изгореници откако се обидел да изгасне пожар во кој целосно изгорел неговиот патнички автомобил.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен вчера во 15:15 часот во СВР Тетово.

Инцидентот се случил во нива сместена покрај локалниот пат кој ги поврзува селата Палатица и Озормиште.

При извршениот увид на местото на настанот било утврдено дека сопственикот на возилото, М.С., ја чистел нивата преку палење на сувата трева.

Во еден момент огнот се проширил надвор од контрола и го зафатил неговиот паркиран автомобил од марката „фолксваген голф“.

Во пожарот целосно изгореле автомобилот и дел од површината со сува трева.

Поради задобиените изгореници, 74-годишниот маж бил веднаш пренесен во Клиничката болница во Тетово за укажување соодветна лекарска помош.

Интервенцијата за гаснење на огнот ја извршила Територијалната противпожарна единица Тетово.

Exit mobile version