Германската полиција уапси маж кој се заканувал со напад во брз воз во западниот дел на земјата, при што неколку лица се полесно повредени. Според информациите на агенцијата ДПА, инцидентот се случил во возот кој сообраќал на линијата Келн – Франкфурт.
Портпаролката на полицијата потврди дека во возот експлодирале пиротехнички средства. Осомничениот по нападот се заклучил во еден од тоалетите во возот, но набрзо бил совладан и уапсен во Зигбург, во близина на Бон. Германскиот таблоид „Билд“ пренесува дека напаѓачот го фрлил огнометот директно во ходникот на возот, предизвикувајќи паника кај патниците.
Веднаш по инцидентот, возот бил евакуиран. Засега нема официјални податоци за точниот број на патници кои се наоѓале во него во моментот на нападот, а истрагата за мотивите е во тек.

