Холивуд на удар: Кина го користи филмот како оружје во трговската војна со САД
Кина објави дека „умерено“ ќе го намали бројот на американските филмови официјално прикажани на нејзина територија, што е една од контрамерките во трговската војна со САД.
За разлика од попомирувачкиот тон кон остатокот од светот, американскиот претседател Доналд Трамп во средата ги заостри царините за кинески стоки. Откако рече дека ќе му даде на остатокот од светот 90-дневна пауза за некои од неговите нови царини, Трамп ги зголеми тарифите за увоз од Кина на огромни 125 проценти.
Кинескиот министер за трговија вети дека Кина „ќе се бори до крај“ доколку Вашингтон продолжи со својата непријателска кампања за зголемување на царините и давачките.
„Лошите практики на американската влада кои вклучуваат злоупотреба на тарифите против Кина може само да ја намалат популарноста на американските филмови кај кинеската публика“, изјави портпаролот на Националното биро за филмска уметност (CFA).
„Ќе ги следиме пазарните правила, ќе го почитуваме изборот на публиката и умерено ќе го намалиме бројот на американски филмови увезени во Кина“, се вели во соопштението на CFA објавено на нејзината веб-страница. Како причина за најавата ги наведуваат американските царини од 125 отсто за кинески стоки, што го опишуваат како „погрешен потег“.
Кина увезува 34 странски филмови годишно за национална дистрибуција, од кои десет се американски, според претходно договорениот систем на квоти. Иако американските филмови веќе не се толку популарни во Кина – вториот по големина филмски пазар во светот – тие сè уште заработуваат значителни суми таму, со заработка од 585 милиони долари во 2024 година, или 3,5 отсто од кинескиот пазар, кој заработи 17,7 милијарди долари на бокс офисот.
Во 2024 година, најголемиот американски успех во Кина беше спектаклот „Godzilla x Kong: The New Kingdom“ кој заработи 132 милиони долари.
Иако увозот на американски филмови во Кина е ограничен, Кинезите имаат лесен пристап до странски филмови преку различни платформи за стриминг и пиратски сајтови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа