Хаос на новогодишната ноќ во Брисел: Изгореа 60 автомобили, приведени 159 лица
Брисел се соочи со немири на новогодишната ноќ. Помеѓу 18 часот во вторник и 7:00 часот во среда, полицијата реагираше на повеќе од 1.700 инциденти низ градот, при што беа уапсени 159 лица.
Најлошо беше во западните и јужните области на белгискиот главен град, вклучувајќи ги Моленбек и Андерлехт. Станува збор за населби во кои живеат голем број мигранти. Најмалку 60 автомобили изгореле, а пожарникарите кои се обидувале да ги изгаснат пожарите биле гаѓани со камења и молотови коктели, поради што во некои случаи биле принудени да се повлечат, соопшти бриселската противпожарна служба.
„Беше навистина лудо. Бевме таму за да помогнеме, а врз нас фрлаа молотови коктели“, изјави портпаролот на противпожарната служба Валтер Дерију за Политико.
На полноќ ноќното небо беше осветлено со бројни огномети и покрај забраната за пиротехнички средства во градот. Факели и петарди беа запалени и во центарот на градот. Мотоциклист фрлаше огномет врз минувачите во областа Иксел.
Немирите избија и покрај низата мерки насочени кон спречување на криминалот на новогодишната ноќ. Мерките вклучуваа воведување полициски час за лица до 16 години во Андерлехт, историско обединување на шест полициски зони во Брисел под централна команда и распоредување на стотици дополнителни полицајци.
Немири и пожари имаше и во Антверпен, вториот по големина град во Белгија, а полицијата забележа 49 апсења. Новогодишните немири стануваат традиција во Белгија. Така, повеќе од 200 лица беа уапсени на новогодишната ноќ во Брисел. „За жал, тоа станува вообичаена работа“, потврди Дерију.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа