На граничните премини Табановце за влез и излез од државата и на Богородица за излез, времето на чекање попладнево изнесува од 40 минути до еден час. На останатите гранични премини нема подолги задржувања, соопштуваат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата.
Посебно внимание се советува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите поради можна појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Поради изведување работи за санација на косина на автопатот А4 (Миладиновци – Свети Николе – Штип), изменет е режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод. Исто така, од 15 април патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица е отворен за сите возила со маса до 3,5 тони.
На сила е и летниот режим на сообраќај на сите државни патишта со кој се забранува движење на тешки товарни возила над 15 тони за време на викендите и при екстремно високи температури. За деновите со високи температури што ги одредува Министерството за здравство, забраната важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не важи за возила кои превезуваат живи животни, хуманитарна помош, храна, гориво, опасни материјали или вршат превоз за проекти на ЈП за Државни патишта.
На магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје важи дополнителна забрана за товарни возила над 7,5 тони за време на викендите: во петок од 15:00 до 22:00 часот, сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот, како и во недела од 07:00 до 22:00 часот, со цел подобрување на протокот на туристи.


