Гувернерот на Народната Банка најави прес-конференција за денеска во 17:00 часот. Темата ќе бидат актуелните случувања со банкарскиот сектор и супервизорските активности на Народната Банка.
Ова доаѓа откако вчера Народната Банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта Банка. Тоа предизвика реакција и кај македонските граѓани, па вчера во Битола беше забележана поголема редица пред главната филијала на банката. Од македонската подружница, Алта Банка АД Битола вчера соопштија дека тие се посебен правен субјект и дека банката е ликвидна.
-АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење. Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола, рекоа од банката вчера.

