Грковска – Пејчиновиќ Буриќ: Европа се соочува со силни предизвици

Предизвиците со кои се соочува Европа и членките на Советот на Европа во однос на демократијата, владеењето на правото и човековите права, беа тема на разговор на денешната средба во Стразбур на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска со генералната секретарка на оваа паневропска Организација, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Грковска, како што информира нејзиниот Кабинет, истакна дека Северна Македонија, како и сите земји во регионот, се соочува со економска и енергетска криза, нагласувајќи дека сепак како држава не смееме да дозволиме тоа да влијае на развојот и на почитувањето на демократските принципи и принципите на добро владеење.

Пејчиновиќ Буриќ ги поздрави напорите и посветеноста на вицепремиерката Грковска и на Владата во промовирање и почитување на вредностите за кои се залага Советот на Европа, како што се доброто управување, владеењето на правото, антикорупциските политики и промоцијата на демократијата и човековите права.

Грковска се осврна и на иницијативата на која работи нејзиниот Кабинет за формирање Центар за добро владеење во земјава, во соработка со Советот на Европа. Овој Центар би бил сличен на Центарот за експертиза на Советот на Европа, кој им помага на земјите членки да ги имплементираат принципите на добро владеење на сите владини нивоа и да ги промовираат европските стандарди и добри практики на сите нивоа.

Пејчиновиќ Буриќ целосно ја поддржа оваа иницијатива и нагласи дека го охрабрува процесот за соработка со Советот на Европа, во делот на воспоставување на Центар за добро владеење.

Двете соговорнички разговараа и за четвртиот Самит на Советот на Европа, што во мај наредната година ќе се одржи во Рејкјавик, а чија цел е да ја зајакне улогата на Организацијата, но и ќе овозможи да отпочне процес на реформи кои ќе ја зајакнат улогата на земјите членки во унапредувањето на демократијата и почитувањето на човековите права.

Вицепремиерката Грковска се заблагодарила за поддршката што Советот на Европа и ја дава на земјава преку „Проектот за економски криминал“, кој меѓу другото го вклучува и подготовката на Законот за потекло на имот. 

30.11.2022 - 11:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега