Грција: Морско и разни производи со замрзнати цени за велигденските пости
„Посната кошничка“ со производи поврзани со велигденските пости, чии цени треба да останат исти или да има минимални зголемувања, од денеска се воведува во грчките супермаркети, јави дописничката на МИА од Атина.
„Посната кошничка“ претставува проширување и дополнување на „Кошничката за домаќинствата“, со основните продукти, со прифатливи цени за потрошувачите, што веќе речиси 18 месеци се спроведува во маркетите.
Од денеска, се додаваат три нови категории на производи неопходни за посната трпеза, односно алва, посни салати и најмалку два вида замрзнати морски продукти.
Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачите Сотирис Анагностопулос, говорејќи за грчкото државно радио рече дека за замрзнатите морски плодови секој супермаркет ќе треба да воведе најмалку два производи.
-Според податоците на Грчката статистичка служба, замрзнатите морски производи се за околу четири отсто поевтини во однос на истиот период лани. Се надеваме дека со „Посната кошничка“ ќе постигнеме уште поголемо намалување и тоа останува да се види во статистиката во наредните месеци, истакна Анагностопулос.
Министерската одлука за „Посната кошничка“ што ќе важи до 4 мај, минатата седмица ја потпиша министерот за развој на Грција Костас Скрекас, кој рече дека сакаат „секој дом да има пристап до квалитетни производи по најниски можни цени“.
Пракса на грчката Влада е „Кошничката за домаќинствата“ во одредени периоди од годината да се дополнува со сезонски продукти, како што беше случај за Божиќ, кога беа воведени производи поврзани со божиќната трпеза.
„Кошничката за домаќинствата“ во грчките супермаркети беше воведена во ноември 2022 година, а содржи над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа