Град Скопје соопшти дека го започнува процесот на креирање на Буџетот за 2026 година со заложба за максимална транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста. Целта е да се врати довербата на граѓаните преку отворен и партнерски пристап, каде секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес.

Од Градот нагласуваат дека дијалогот е ставен во центарот на сите процеси, со што се потврдува заложбата дека буџетот е стратегија изградена врз реалните потреби и визија за иднината на градот.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати директен повик до скопјани:

“Почитувани скопјани, транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка… Истото начело го води и градот Скопје денес. Токму затоа, годинава го отвораме процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно со вас, жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје. Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ.”

Ѓорѓиевски додаде дека веќе собрале голем број предлози, но процесот е отворен и ги повика сите да се вклучат во создавањето на буџетот кој „ќе го забрза повторното заживување на нашиот град“.

Во новиот буџет ќе бидат опфатени приоритетните капитални проекти најавени во областите инфраструктура, култура, спорт и животна средина, кои ќе го олеснат секојдневието на скопјани.

“Ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка. Верувам дека токму со ова отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје,” истакна градоначалникот.

Идеите и предлозите граѓаните можат да ги испратат на електронската адреса: gradskibudzet2026@skopje.gov.mk.

Exit mobile version