Знаењето станува искуство – средните училишта во Скопје добиваат современи лаборатории и метеоролошка станица. Ова на Фејсбук го напиша скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
-Влогот во младите е влог во иднината.
Секој денар вложен во нивното образование е инвестиција во знаењето, напредокот и силата на нашето општество.
Наша должност е да им обезбедиме услови во кои ќе можат слободно да истражуваат, да создаваат и да го развиваат својот целосен потенцијал.
Во тек е уредувањето на нови и современо опремени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија во средните училишта на Град Скопје.
Проектот опфаќа целосно нова наставна опрема, современи дидактички помагала, интерактивна технологија и нов училиштен мебел, клупи и столчиња приспособени на потребите на учениците и наставата на 21 век.
Со ова создаваме услови наставата да излезе од рамките на теоријата и да стане практична, интерактивна и лесно разбирлива.
Наместо законите на физиката и математичките концепти да се изучуваат само преку формули напишани на табла, учениците ќе можат да ги разберат и докажат преку реални модели, прецизни мерења и практични експерименти.
Во лабораториите по хемија и биологија, хемиските реакции и процесите во живиот свет ќе се набљудуваат непосредно преку практична работа, истражување и експерименти, а не само преку текстови и илустрации во учебниците.
Секој кабинет е осмислен како заокружена образовна целина што ги обединува современиот училиштен мебел, специјализираната опрема, интерактивната технологија и дигиталните образовни содржини.
Интерактивните панели ќе овозможат сложените поими да се прикажуваат преку видеа, тридимензионални модели, симулации и опити, со што часовите ќе станат подинамични, поинтересни и многу поефикасни.
Со ваквото опремување, училниците во Скопје прераснуваат во средина создадена по мерка на современото образование – простор во кој знаењето станува искуство, а учениците се активни учесници во наставниот процес.
Дополнително, градиме и паметен пластеник – училишна лабораторија во која образованието, науката, технологијата и земјоделството ќе се спојат на едно место.
Овој современ земјоделски објект ќе користи сензори, микроконтролери и паметна технологија за автоматско следење и регулирање на условите за раст и развој на растенијата.
Температурата, влажноста на почвата, наводнувањето и прихранувањето ќе се следат и управуваат преку апликација за паметни уреди.
Пластеникот ќе располага со автоматизиран систем за наводнување, систем за регулирање на влажноста на воздухот, автоматско ѓубрење, контролер за управување со наводнувањето, Вентури-инјектор и систем со распрскувачи.
Во негови рамки ќе бидат поставени и метеоролошка станица и професионална агростаница, преку кои учениците ќе можат непосредно да собираат податоци, да ги анализираат временските и почвените услови и практично да го изучуваат современото земјоделство.
Пластеникот ќе се користи во текот на целата година.
Со планско менување на површините и културите, во него ќе се одгледуваат градинарски, овошни и цветни култури, од расад до целосно развиени растенија.
Ова е нов пристап кон образованието што ја поттикнува љубопитноста, ја развива креативноста и ги подготвува младите за професиите и предизвиците на иднината.
Кога вложуваме во знаењето на младите, не ја градиме само нивната иднина – ја градиме иднината на Скопје и на Македонија!, напиша тој.