Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Предметот се наоѓа во фаза на изведување докази, а судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска. Обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
На претходното рочиште градежните вештаци одговараа на прашањата на одбраната, при што во фокусот беа материјалите употребени во објектот, особено полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација, како и градежните интервенции и реконструкции извршени во објектот.
Професорот од Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, кој е дел од тимот што го изготвил вештачењето, објаснуваше за наодите според кои на спуштениот плафон имало полиуретански сунѓер. Тој посочи дека во објектот не биле пронајдени остатоци од материјалот бидејќи целосно изгорел, но заклучокот бил донесен врз основа на фотодокументација, снимки, други вештачења и пронајдените траги.
Биле разгледувани и градежните интервенции од реконструкцијата во 2012 година, меѓу кои и зајакнувањето на меѓукатната конструкција со челични греди. Марковски објасни дека станувало збор за подна, а не темелна плоча, бидејќи објектот немал изведена темелна плоча.
Одбраната го оспорувала и начинот на кој е утврден периодот на изведување на интервенциите. Марковски посочил дека тимот добил податоци од сопственикот на објектот и се повикувал на наодите од тимската работа.
На прашањето дали постои доказ за точниот период кога била изведена интервенцијата, вештакот одговорил: „Поголем доказ од исказот на тој што го правел не може да најдете“.
На рочиштето биле разгледувани и прашања поврзани со сопственоста на делови од објектот, договорот за закуп и изградбата на двете галерии. Во однос на конструкцијата, Марковски посочил дека галериите, кои биле додадени во 2012 година, а отстранети во 2024 година, имале влијание врз конструктивните елементи.
Со завршувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распитот на вештите лица, се очекува да заврши изведувањето на доказите на Обвинителството. Потоа, одбраната треба да започне со изведување свои докази.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.


