Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја одржа втората седница на Управниот одбор во новиот состав. На состанокот беше испратена силна порака за единство и деполитизација на локалната самоуправа со цел поефикасно решавање на проблемите на граѓаните.
Особена чест ни беше присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација, рече Ѓорѓиевски.
„Со ова решение, ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација.
Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија.
И на оваа седница, повторно јасно нагласив дека Управниот одбор на ЗЕЛС е тело во кое политиката нема да има место.
Така беше и во мојот претходен мандат, така ќе биде и во иднина.
Овде сме обединети околу заеднички цели и за многу прашања ќе мораме да настапуваме со единствен, заеднички став“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски очекува силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и нашиот народ.
„Воведувањето на комуналната полиција, преку новите законски измени, останува наш јасен приоритет за конечно воспоставување ред, дисциплина и поголема ефикасност на локално ниво.
Убеден сум дека овој состав на Управниот одбор ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на процесот на децентрализација, во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините“, нагласи Ѓорѓиевски.

