Основното јавно обвинителство Тетово поведе истражни постапки против вкупно четири лица по извршените претреси во тетовското село Брвеница, при што биле пронајдени наркотична дрога и поголема количина оружје и муниција.
Според информациите од Обвинителството, тројца од приведените се сомничат за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. Кај еден од нив биле пронајдени пиштол со два куршуми во рамка и дополнителни 20 куршуми за автоматска пушка. Кај вториот осомничен полицијата открила 55 куршуми, од кои дури 53 биле боева муниција чие поседување е целосно забрането за граѓаните. Кај третиот осомничен бил пронајден пиштол без шаржер.
Четвртото лице е под истрага за „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги“, бидејќи при претресот кај него биле пронајдени 3,15 грама кокаин.
По завршувањето на 48-часовниот притвор, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените, додека за еден се предложени мерки на претпазливост.

