Ѓорѓиевски: Нов кабинет по информатика и заштитни очила за дечињата од ООУ ,,К.Ј.-Питу”
Денес, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, беше во посета на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, каде што официјално беше пуштен во употреба комплетно обновениот кабинет по информатика.
Со оваа инвестиција, учениците добија целосно нов и модерно опремен простор, со нови маси и столици, целосно заменета електрична инсталација, освежени молерисани ѕидови и поставени едукативни и инспиративни апликации.
Овој кабинет беше овозможен благодарение на општествено одговорни донации – новите десктоп компјутери се донирани од страна на Борче Стаменов, преку иницијативата donirajkompjuter.mk, како и од родителот Кирил Александров. Новиот мебел и подобрениот естетски изглед на просторијата се овозможени од страна на родителот Кристијан Димоски, сопственик на akcija24.mk. Дополнително, од компанијата Маркев ДОО учениците добија 32 пара в исококвалитетниочила за заштита од сина светлина од BARNER BRAND. Овие очила ќе им помогнат на децата во заштита на очите при подолготрајна работа пред екрани, што е сè поважен сегмент во современото образование. Вакви донации се најавени и за другите кабинети по информатика во наредната сезона. Исто така, поставена е и интерактивна табла за паралелката со деца со оштетен слух во подрачното училиште, која е донација од Стопанска банка.
-Денес повторно ја потврдуваме заложбата за модерно, достапно и квалитетно образование. Опремувањето на овој кабинет по информатика претставува уште еден чекор кон дигитализацијата на наставата – процес кон кој стреми целиот свет, а Кисела Вода како општина која прва се дигитализираше во регионот, го следи тој пат со целосна посветеност. Изразувам голема благодарност до сите донатори за нивната искрена грижа и општествена одговорност. Кога заедно инвестираме во децата, инвестираме во нашата иднина. Тоа е нашата најголема обврска и највредна мисија-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ инаку е првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје. По завршувањето на реконструктивните зафати, училиштето доби нов покрив и фасада, лифт за ученици со попреченост, сензорна соба, пристапни рампи, специјални тоалети, тактилни патеки, со што е создадена целосно пристапна и инклузивна средина за сите ученици. Општина Кисела Вода и понатаму ќе продолжи со вложувања во образованието, инклузијата и дигиталната трансформација, затоа што секое дете заслужува еднакви шанси и современи услови за учење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа