Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше дека состојбата со јавниот градски превоз е значително подобрена во однос на претходниот период. Одговарајќи на советнички прашања, тој посочи дека бројот на функционални возила на ЈСП Скопје е во пораст.
Според неговите зборови, од критичната состојба со само 130 возила, денеска од гаражите на јавното претпријатие секојдневно излегуваат по 180 автобуси.
„Имаме зголемено за 50 функционални автобуси во изминатиот период или бројката е 180 автобуси што сообраќаат на линиите, а се сопственост на ЈСП Скопје. Дали е идеална состојбата? Далеку е од тоа, но го даваме максимумот“, истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека проблемите со приватните превозници исто така се решаваат преку исплата на заостанатите долгови кои со години се таложеле, со што се зголемува бројот на возила и кај нив.

