Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк, предупреди на сериозна ескалација на руската агресија во Европа и ширум светот, јави ДПА.Вадефул истакна дека хибридните акции на Москва влегуваат во нова фаза:
„Руските хибридни напади врз оние што ја поддржуваат Украина и врз меѓународното право достигнаа ново ниво“, рече германскиот министер.
Како директен пример тој го посочи инцидентот на аеродромот Хале/Лајпциг од почетокот на август, кога Русија се обидела со дрон наполнет со експлозив да крене во воздух украински товарни авиони. Според него, ова не е изолиран пример, туку дел од непромислената и опасна ескалација чии последици се чувствуваат глобално.Германскиот министер обвини и дека Русија „ја продлабочува прехранбената криза во светот“, бидејќи постојаните напади врз украинските пристаништа го оневозможуваат извозот на жито.Запирањето на насилството бара итна акција, нагласи Вадефул:„Конечно да излеземе од оваа спирала на уништување и насилство.“
Тој повторно упати апел за целосен и итен прекин на огнот во Украина, како и за итна размена на воени заробеници. Според него, неопходно е враќање кон преговори во добра волја, засновани врз принципите на меѓународното право, кои ќе го отворат патот кон сеопфатен, праведен и траен мир.„Украина е подготвена. Ние, Европејците, сме подготвени, а Германија е подготвена да придонесе за мирното решение што итно ни е потребно“, заклучи Вадефул.


