Германија ја губи економската моќ
Германија ја губи економската моќ, меѓу другото, затоа што има проблем со стареењето на општеството и недоволен број работници.
Во исто време, откажувањето од гас, нафта и јаглен влијаеше на растот на цените на енергенсите, беше објавено денеска по спроведено истражување на Универзитетот во Минхен.
Се наведува дека наместо најавената рецесија, се очекува мал економски раст од 0,3 отсто, бидејќи зимата беше блага, а потрошувачката на енергија помала од очекуваната, пренесе Дојче Веле.
„Економскиот пад во зимската половина на 2022/23 година беше веројатно помал отколку што се стравуваше на есен“, рече Тимо Фолмерсхајзер, професор на Институтот за економски истражувања Ифо на Универзитетот во Минхен.
Институтот Ифо припаѓа на група од четири водечки германски економски истражувачки институти кои подготвуваат прогнози за економски развој за владата двапати годишно, а оваа пролет им се придружи и истражувачки институт од Австрија. Нивните предвидувања се важни за проценка на даноците, а со тоа и за креирање на федералниот буџет. Фолмерсхајзер забележува дека индустријата има многу нарачки, иако општите услови не се поволни за бизнис.
„Постојаните проблеми со испораката на полупроизводи, екстремните скокови на цените на енергијата и недостигот на работници ги намалија производните можности на германската економија и спречија посилен раст на бруто домашниот производ“, набројува професорот од Минхен.
За 2024 година експертите очекуваат раст од 1,5 отсто, но сепак ова е прилично неизвесна проценка, бидејќи има многу непознати и додаваат дека геополитичките тензии или ниските температури во секое време можат да предизвикаат повторно раст на цените.
„Опасноста од недостиг на гас следната зима сè уште постои“, вели Фолмерсхајзер и додава дека среднорочните прогнози не се розови.
„Според нашите проценки, просечната стапка на раст на германската економија ќе биде само околу половина процент на крајот на деценијата“, најавува професорот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа