Националната федерација на фармери (НФФ) денеска го одржува Генералното собрание, на кое ќе учествуваат претставници од земјоделскиот сектор, институции, меѓународни партнери и граѓански организации. Целта е да се разгледаат актуелните предизвици и можности за развој на малите земјоделци и производители од руралните средини.
Како што соопштија организаторите, на настанот се предвидени обраќања на Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Стеванче Јорданоски, претседател на НФФ, Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, и Сашо Ангеловски, национален менаџер на We Effect Европа.
Во рамки на настанот ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Успешни приказни и пазарни можности за малите земјоделци“, на која ќе бидат презентирани резултатите од проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени врски на пазарот за малите земјоделци и производители од рурални области“, поддржан од Шведска и We Effect.
Панелот ќе понуди конкретни примери за успешни земјоделски иницијативи и модели на развој. Пере и Рахела Транталовски од „Трантал Фарм“/„Преспино“ ќе ја споделат приказната за развојот на нивното производство, од локална иницијатива до препознатлив бренд на свежо цеден сок од јаболко. Ванчо Кироски од невладината организација „Меден Исток“ ќе зборува за школата за пчелари и можностите за вклучување на малите оператори во саемски манифестации.
Претседателот на НФФ ќе го претстави и моделот на договорно производство како ефикасен механизам за обезбедување сигурен пласман и стабилни приходи за земјоделците, со конкретен пример од производството и пласманот на пченица.

