Претседателот на Собранието, Африм Гаши, и генералната секретарка Марина Димовска учествуваат на Европската конференција на претседатели на парламенти и генерални секретари, која на 15 и 16 октомври 2026 година се одржува во Рим, Италија.
На првиот ден, обраќања пред претседателите на парламентите на земјите членки на Советот на Европа имаа претседателот на Домот на пратеници, Лоренцо Фонтана, и претседателот на Сенатот на Италијанската Република, Игнацио ла Руса. Тие ја нагласија улогата и значењето на Организацијата како чувар на демократијата, човековите права и владеењето на правото на европскиот континент.
Потоа следеше дебата за отпорни демократии обединети против хибридни закани, на која беше нагласено дека денешната геополитичка нестабилност и технолошкиот напредок ги направија хибридните закани пософистицирани, искористувајќи ги демократските општества за зголемување на поларизацијата, ширењето на поделби и поткопување на довербата во институциите. За успешна заштита беше посочено дека е потребна комбинација од кибербезбедност, транспарентност и општествена отпорност, како и правни заштитни механизми, техничка заштита и мерки за зајакнување на довербата на јавноста.
Во текот на конференцијата, претседателот Гаши оствари билатерална средба со претседателот на Големото турско национално собрание, Нуман Куртулмуш. На средбата беа потврдени одличните односи меѓу двете држави, значењето на турската заедница во градењето на блиски контакти, како и улогата и придонесот на Република Турција за стабилноста и безбедноста во регионот.
Заеднички беше констатирано дека традиционалното пријателство и партнерство имаат вкоренети историски и културни врски, а соработката е динамична на сите нивоа.
На маргините на конференцијата, претседателот Гаши размени мислења и со италијанскиот пратеник Пјетро Фасино, претседател на поткомисијата на ПСCE за Западен Балкан, кој е силен поборник за побрза интеграција на регионот во ЕУ.

