Меѓународниот ден на знаковниот јазик е повеќе од симболика, овој ден е потсетник за целото општество дека вклученоста, комуникацијата и почитувањето немаат бариери кога постои волја и љубов кон другиот, порача претседателот на Собранието Африм Гаши во своето обраќање по повод 23 Септември, Меѓународниот ден на знаковниот јазик при посетата на Центарот за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“.
Нагласи дека Собранието постојано се залага за вклучувањето и почитувањето на лицата со посебни потреби.
-Во таа насока, од 2023 година Собранието организира курсеви за учење на знаковен јазик за вработените и заинтересираните пратеници. Ова не претставува само технички чекор, туку и длабоко симболичен чин во обидот да се слушнат и оние кои зборуваат поинаку, но имаат исто толку многу да кажат. Покрај тоа, беа организирани и посебни активности за одбележување на овој ден, како знак на посветеноста за изградба на институција која е сè повеќе инклузивна и поблиску до секој граѓанин, без разлика, рече Гаши.
Како претседател на Собранието, додаде, мојот мандат го насочив кон неколку суштински цели, а меѓу најважните е изградбата на отворено, инклузивно Собрание, кое е дом на секој граѓанин.
-Залагањето за поддршка и вклучување на лицата со посебни потреби не е само институционална обврска, туку и лична вредност која ќе продолжам да ја следам со посветеност и сериозност. Затоа, не случајно сум денес тука. Вреди да се нагласи дека овде, во вашето училиште, го гледаме најдобриот пример за тоа како љубовта, посветеноста и образованието можат да изградат мостови кои ја надминуваат секоја пречка. Вие сте жив доказ дека силата на човекот не се мери со зборовите што тој ги изговара, туку со срцето и духот што ги вложува секој ден. Во овој контекст, сакам од срце да им честитам на сите педагози, ученици и секој поединец кој со срце придонесува за оваа благородна мисија, рече Гаши и посочи дека „не е потребен глас кога срцата зборуваат на ист јазик“