Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска најави дека огласот за избор на нов член на Судскиот совет најверојатно ќе биде повторен. Причината за ова е стапувањето на сила на новиот Закон за Судскиот совет, донесен кон крајот на декември, кој предвидува поригорозни критериуми и поинаква процедура за избор.

Иако Комисијата за прашања на изборите и именувањата претходно го изгласа Аљбан Кадриу за наследник на Селим Адеми, Гаши смета дека сега е неопходно процесот да се усогласи со новата регулатива.

„Како битен момент за кој сме разговарале е токму моментот што имаме нов Закон за Судскиот совет и тој веќе ги менува правилата на игра. Најверојатно Комисијата е на мислење да се повтори огласот за сите членови да се изберат по новиот закон“, изјави Гаши.

Во однос на вчерашната лидерска средба, спикерот ја оцени како конструктивна и најави дека денеска координаторите на пратеничките групи ќе ги почнат активностите за усогласување на реформските закони.

Exit mobile version