Во рамки на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе се одржи амандманска расправа по Предлог-законот за јавното обвинителство, во второ читање.

За законското решение се поднесени вкупно 27 амандмани од пратеничките групи, а според најавите се очекуваат и дополнителни комисиски амандмани.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, информира дека 13 амандмани се од ДУИ, 10 од СДСМ и 4 од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тој оцени дека со овој закон се прави значаен чекор кон реформите и приближување кон Европската Унија.

Предлог-законот предвидува модернизација на законската рамка, воведување јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, како и зајакнување на нивната независност.

Меѓу клучните новини се поефикасен систем за оценување, попрецизни критериуми за професионалност, подобро управување со предметите и подетализирана дисциплинска постапка со јасни рокови и механизми против злоупотреби.

Дополнително, се зголемува транспарентноста при изборот на јавниот обвинител преку јавни седници, презентација на програмите на кандидатите и објавување на нивните биографии.

Министерот за правда, Игор Филков, изјави дека законот треба да ги надмине долгогодишните слабости во системот, како недоволна отчетност, нејасни критериуми за унапредување и бавни истражни постапки.

Тој посочи дека при подготовката биле земени предвид препораките на релевантни меѓународни институции и дека законот е клучен за напредокот во реформите во владеењето на правото.

Exit mobile version