Гаши: Гордо и со драга волја ќе ја почитувам одлуката на мнозинството

 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, е уверен дека мнозинството во Собранието во вторник, кога ќе биде на дневен ред неговата интерпелација, ќе донесе праведна одлука. Тој и денес повтори дека со инцидентот на аеродромот, кој е причина за интерпелацијата поднесена од политичката партија Левица, сакал да спречи поголем инцидент.

„Како што јавноста знае, поднесена е интерпелација, веднаш на првата седница ја свикуваме, тоа ќе биде првата точка. Мене ќе ми биде мило што ќе се расправа и ќе се објасни пред јавноста за наводите што се поднесени во таа интерпелација. Сè што е во рамките на Деловникот и во рамките на демократичност во Собранието, јас го почитувам, било тоа да се однесува на институцијата претседател на Собранието или кого било. Ќе бидеме отворени кон секоја иницијатива, ќе го почитуваме Деловникот и се надевам дека на 3 септември ќе има соочување на аргументите и потоа пленумот ќе одлучи. Како ќе одлучат тие, така ќе постапиме. Јас верувам дека мнозинството ќе донесе најправедна одлука. Онаква каква што ќе биде, јас ќе ја почитувам гордо и со драга волја“, рече денес Гаши.

За него, веќе исцрпена е темата за инцидентот на аеродромот и очекува МВР да постапи соодветно против лицата што ги пречекориле овластувањата.

„Имаше соопштенија, дејствувања и на МВР, така што веќе сè е јасно, само можам да кажам, од морален аспект, мислам дека јас лично и обезбедувањето избегнавме инцидент, кој можеше да има поголеми последици. Јас се радувам што сè заврши како што треба. За оние луѓе што ги пречекориле своите овластувања МВР ќе си постапи како што е законот и како што треба. Само да ви кажам дека секогаш кога ќе треба да се зближува, да се смирува ситуацијата, јас ќе настапувам и секогаш ќе бидам тука за доброто на граѓаните, да нема конфликти, да нема инциденти и да нема поголеми последици. Засега тоа е добро што така заврши, очекувам и посакувам никогаш никому да не му се случи таков инцидент“, вели Гаши.

Неговото обезбедување извади пиштол и им се закануваше на аеродромските работници во обид да овозможи претседателката на Косово, Вјоса Османи, без да ги помине безбедносните проверки, да се качи во авионот на комерцијален лет.

Освен инцидентот на аеродромот, Левицата му забележа на Гаши и што замина на свадба во Косово со службен автомобил и со обезбедувањето и за приватни потреби го блокира граничниот премин. Од партијата рекоа дека тоа е причина плус интерпелацијата да биде изгласана во вторник. Гаши, пак, и за овој инцидент вели дека нема вина, туку дека постапувал законски кога заминал на свадба со обезбедување и службен автомобил оти законот му налагал 24 часа да има обезбедување, без ни малку приватност.

 

Премиерот Христијан Мицкоски мината недела се изјасни дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација на Гаши оти нема причина за тоа, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера рече дека ќе прави консултации во партијата пред да го каже ставот.

27.08.2024 - 17:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега