Германија ќе го поддржи новиот мултимилијардерски фонд што го иницира Бразил за заштита на тропските шуми и ќе придонесе со „значителна сума“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот што се одржа пред почетокот на клучните климатски разговори.

Мерц зборуваше на состанокот на шефови на држави и влади во Белем, на работ на Амазонската прашума, непосредно пред отворањето на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП30) што започнува во понеделник.

Фондот, наречен Tropical Forest Forever Facility (TFFF), официјално беше претставен вчера и веќе доби поддршка од 53 земји, меѓу кои 19 потенцијални државни инвеститори, соопшти Бразил.

Тие истовремено се едни од најважните места за складирање јаглерод во светот и живеалиште за луѓе и безброј видови животни и растенија, рече германскиот канцелар, нагласувајќи дека тропските шуми се клучни во борбата против климатската криза.

Тој додаде дека за постигнување на глобалните климатски цели мора да се зачуваат шумите и да се мобилизираат повеќе средства од приватниот сектор.

Според моделот што го предлага бразилската влада во рамките на TFFF, земјите што ги чуваат своите шуми ќе бидат наградени, а оние што уништуваат хектари ќе плаќаат казни, со сателитско следење како механизам за контрола.

Фондот има целна вредност од 125 милијарди долари, а по почетната фаза би можел да исплаќа околу 4 милијарди долари годишно, што е речиси трипати повеќе од тековното меѓународно финансирање за зачувување на шумите.

Планот предвидува богатите држави доброволно да вложат 25 милијарди долари, врз кои во следните години би се мобилизирале дополнителни 100 милијарди долари од приватниот сектор.

Основачки членови на фондот, покрај Бразил, се Колумбија, Гана, Демократската Република Конго, Индонезија и Малезија.

И Бразил и Индонезија ќе придонесат со по 1 милијарда долари, додека Германија се очекува да уплати слична сума. Норвешка најави придонес од 3 милијарди долари во период од десет години, а Франција размислува за вложување од 500 милиони евра.

Според проценките, околу 70 земји во развој со тропски шуми би можеле да имаат корист од фондот, а една петтина од средствата ќе мора да биде насочена кон домородните заедници и локалното население.

Exit mobile version