Фрчковски удри по МАНУ: „Глупирање, ташак, МАНУ ја игра најевтината популистичка карта во моментов “

Професорот Љубомир Фрчковски со жесток напад врз претседателот и раководството на Македонската академија на науките и уметности откако МАНУ најави дека ќе направи ревизија на договорите со Грција и Бугарија.

„Она човече од ГП-5 мрежата како Претседател на МАНУ вели дека ќе организирале дебата за научна преоцена на Преспанскиот Договор (веројатно и оној со Бугарија ) како фактори за дестабилизација на регионот, како лоши договори кои ја понижиле Македонија и македонскиот народ и на кои сега (тука е поентата бидејќи МАНУ не би бил тоа ако не побара непристрасна научна расправа) со аргументи треба да се докаже изречената фатва врз договорите?”, пишува Фрчковски во текстот во кој во повеќе места се навредува МАНУ.

„МАНУ „се разбудила“ велат, но во погрешен филм и во погрешна кино сала. МАНУ ја игра не евтината туку најевтината популистичка карта во моментов – сентиментот на повредениот народ кој нема глас да го артикулира „бесчестието“ кое наводно со неговата идентитеска гордост си игра „ташак“ и го черечи владеечката гарнитура. Без артикулирана опозиција која не знае кај тера, МАНУ смета дека неговиот политички па и партиски момент е дојден да ја го преземе балансот на и кон власта и со „научни аргументи“ да ја натегне десната позиција на националистичко буре македонска жолта.

МАНУ има едно паланечко, повеќе интуитивно, мрзливо и втренчено чувство дека за тоа што сака да зборува – не смее да се зборува? Дека тоа е нешто „свето“ кое само нас ни го одречуваат, а власта не го брани доволно!  Дека поради тоа и такво предизвикување ние треба да се закопаме во минатите митови за нашиот идентитет. МАНУ е досадна во таа смисла, смртно досадна и ирелевантна кога покажува колку е слаба со своето незнаење и немање концепт како да го води внатрешнот дијалог и монолозите  за идентитетските премрежија на Македонците.

МАНУ нуди идеолошка осуда на договорот од Преспа од националистички позиции со злоупотреба на т.н.научни аргументи за расправа на тотално борнирани позиции за тоа што е и како е конструиран нашиот национален идентитет и како тој ќе се развива. Ако можам да претпоставам од серијата изјави дебати, округли маси сиве овие години за и околу македонскиот идентитет (за кој не се зборува ) МАНУ е заробена од неколку премиси за и околу него:

– премиса на нација жртва која не може да биде сторител на расизам или повреда кон друг бидејки била жртва на која сега се и е дозволено и која има право на протегање неограничено без преиспитување на тоа која е и што е (произволен идентитетски хоризонт);

– замисла за идентитетот како „торта“ на спратови и со слоеви пандишпан и крем или како мермерни коцки наслагани една на друга (т.н. вгнезден идентитет) каде цврсто едни од други произлегуваат и се држат во врска на значења;

– времето стои за овие идентитети, замрзнато е и се е претворено во симбол на истиот, секоја победа и пораз од минатото (Илинденизирање на сегашноста, АСНОМизирање на сегашноста, расколот и убиствата на ВМРО, поделбата на територијата,страдањето на населението и сл, а најчесто кај нациите жртви поразите ја хармонизираат нацијата);

– Дискурсот на конструкција, самоконструкција и развој на идентитетот вака замислен е исфрлена како опција. Нема разговор, нема развој само дефанзива и одбрана со празни флоскули (затоа „научната дебата“ во МАНУ од овие позиции е абсурдна).

Од тие позиции заклучокот на МАНУ во идната дебата можеме лесно да го антиципираме: со Преспанскиот договор е прекршено меѓународното право со тоа што е натерана една од страните да го смени името и со тоа договорот вградил насилие и не-право во регионалните договори како елемент на трајна дестабилизација во регионот.

Што МАНУ треба да стори, освен секако да не се глупира со нешто за што не е способна, е да организира како научна расправа или долгогодишен проект (сега шпекулираме знаејки дека се неспособни за тоа): Треба да смогне храброст и пред се знаење да ја отвори дебатата од другата страна на тунелот на идентитетот“, напиша Фрчковски.

Целата колумна прочитајте ја ОВДЕ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.01.2021 - 18:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега