Детското игралиште зад Универзалната сала во скопски Центар доби целосно нов изглед. Најмладите жители на општината сега имаат обновен простор со нови реквизити, заштитна подлога и ограда, наменет за игра, рекреација и дружење.
Од Општина Центар информираат дека на игралиштето се поставени две нови кули, четири тобогани, мост, две коњчиња, абакус-табла и клацкалка. Дополнително, обновена е урбаната опрема, поправени се двете клупи, поставени се корпи за отпадоци, а целосно е реновирана и двојната лулашка.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека реконструкцијата е дел од активностите за подобрување на условите за најмладите и најавува продолжување на обновувањето на детските игралишта низ општината.
Тој упати апел до граѓаните одговорно да ги користат реквизитите и урбаната опрема и заеднички да се грижат за зачувување на новиот простор.
Од Општината посочуваат дека целта е секое дете да има безбедно и уредено катче за игра, а родителите да бидат спокојни додека најмладите го поминуваат слободното време.

