Кривична пријава против пет лица од Скопје, формирале медиумски канал и преку него повикувале и поттикнувале формирање на терористичка група по примерот на „ИСИС“
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Ј.К.(30), Ј.М.(22), М.Т.(23), Р.К.(23) и против Г.М.(34), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „терористичка организација“ по член 394-а став 3 од Кривичниот законик.
Имено, по претходно добиени сознанија и информации од меѓународни стратешки партнери, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во координирана акција со Агенцијата за национална безбедност, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, презеде мерки и активности во однос на утврдување на администратори и членови на интернет апликации кои поттикнувале на создавање на терористичка организација.
Притоа, добиени се сознанија дека пријавениот Ј.К. кон крајот на 2024 формирал медиумски интернет канал и формирал група во кој членувале останатите пријавени и во текот на 2025 и 2026 година делувале како терористичка организација која јавно повикувала и поттикнувала создавање на терористичка организација врз основа на идеологија на терористичката организација „ИСИС“ и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички идеолошки текстови со цел ширење на пропаганда, идеолошка индоктринација, глорификација на терористите од „ИСИС”.
На 16.06.2026, со судска наредба, извршени се претреси на пет локации на подрачјето на Скопје, од кои три во Казнено – поправната установа Затвор Идризово, каде што затворски казни издржуваат Ј.К. и Р.К., а мерка притвор издржува Г.Т., како и во домовите на Ј.М. и М.Т.. При претресите се пронајдени и одземени повеќе електронски уреди како предмет за докажување на кривично дело


