Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за Алфа телевизија, по повод одбележувањето на 36 годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, настан кој вечерва се одржува во Струмица под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и денес продолжува по истата патека како и пред 36 години кога партијата беше формирана, со цел развивање на демократските вредности во самостојна и независна Македонија, но секако денес, во согласност со предизвиците кои ги носат новите времиња.
-Денес се соочуваме со нови предизвици, но секако дека не забораваме како започнавме, кои беа идеалите и секако дека со нив, треба да ја газиме и иднината. Европскиот пат е зацртан и во статутот на нашата партија, од нејзиното формирање до денес. Европските реформи, коишто секако дека од нас се бараат треба да се воведат, но секако кажувајќи ја вистината за Македонија и за онаа неправда којашто Бугарија сака да ни ја наметне, а којашто за жал ја прифатија СДС и ДУИ кои ја предводеа владата пред две години, рече Стојаноска.
Стојаноска во својата изјава уште еднаш го истакна јасниот и непроменет став на ВМРО-ДПМНЕ, за европскиот пат на државата, нагласувајќи ја неопходноста од гаранции дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање од страна на Бугарија за членството на Македонија во Европската Унија.
-Ние секогаш и секаде го кажуваме нашиот став и нема промена на нашиот став, бидејќи сите се свесни дека без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во било коjа комбинациjа во Парламентот, не може да се случат повторни уставни измени и да, нашиот став е уставни измени со гаранции дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде конечно и последно барање од страна на Бугарија, а не прв чекор после којшто ќе згазиме во нова бездна којашто ќе значи повторно бескрај на патот за Европа, децидна беше Стојаноска.


