На 16 јуни 2026 година, во координирана акција на Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи, а под раководство на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на предистражната постапка поврзана со кривично дело „Терористичка организација“ од член 394-а од Кривичниот законик, беа извршени претреси на повеќе локации на територија на Град Скопје при што се пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема.

Во рамките на постапката се опфатени пет лица за кои постои основано сомнение дека се извршители на кривично дело „Терористичка организација“ од член 394-а од Кривичниот законик и за истите е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

За две од лицата опфатени со кривичната пријава е определена мерка притвор, односно домашен притвор, а останатите три лица во моментот се на издржување казна затвор, односно мерка притвор во Казнено поправните установи за кривични дела поврзани со тероризам.

Наведените активности се преземени врз основа на претходно обезбедени информации од страна на Агенцијата за национална безбедност, како и информации обезбедени во рамки на меѓународната стратешка соработка.

Според информациите со кои располага Агенцијата за национална безбедност, лицата како идеолошки поддржувачи на терористичката организација „Исламска држава“ во изминатиот период спровеле активности за воспоставување конекции со медиумски пропагандни канали на споменатата организација, но и создавање на локална мрежа преку која дисеминирале екстремни и насилни наративи, со цел поттикнување на терористички активности во земјата. Како дел од групата, споменатите давале и логистичка поддршка на други лица, претходно веќе опфатени во контратерористички активности на Агенцијата.

Агенцијата за национална безбедност останува посветена на својата примарна превентивна функција да работи на ефикасно и навремено попречување на ризиците и заканите по националната безбедност, со цел заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.

Exit mobile version