Управата за финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор, откако СДСМ јавно побара истрага за купување телевизија и за, како што тврди партијата, зголемено влијание на српски медиумски групации во Македонија.

Финансиската полиција ги испитува сите индиции и информации што беа изнесени во јавноста, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, врз основа на постапувањето на институциите, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио.

„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги презема потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности. Апелираме да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации. Надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон, со цел заштита на јавниот интерес и интересите на граѓаните“ – се вели во реакцијата на Финансиската полиција

Реакцијата следува откако СДСМ побара да се испита, како што го нарече, „влезот на српската медиумска машинерија во Македонија“. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска претходно тврдеше дека преку повеќе медиумски и деловни структури се создава простор за засилено српско медиумско влијание и побара институциите да проверат дали при промените на сопственоста и работењето на странски медиумски компании се почитуваат македонските закони.

СДСМ ги поврза своите сомневања и со влезот на српски капитал во банкарскиот сектор, тврдејќи дека треба да се провери потеклото и движењето на парите, како и евентуалната поврзаност со медиумски инвестиции.

Од институциите засега не соопштуваат повеќе детали за предметот на Финансиската полиција, ниту за тоа која конкретна телевизија и радио се опфатени со запрената постапка на АВМУ. Истрагата треба да покаже дали има основа за сомневањата што беа изнесени во јавноста.

Exit mobile version