Следната 2026 година ќе биде исклучително тешка, кризна и година во која граѓаните ќе осиромашат. Ова е мрачната прогноза што денеска на брифинг со новинарите ја испорача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, анализирајќи ги економските потези на Владата.
Според лидерот на опозицијата, државата се движи кон финансиски амбис, а главниот проблем е што новите задолжувања не одат во развој, туку во „крпење дупки“.
Филипче тврди дека Буџетот е во толку лоша кондиција што власта морала да прибегне кон преседан – негово предвремено затворање.
„Ќе следи година во која ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра. И тие задолжувања ќе бидат за тековни трошоци, нема да бидат за капитални инвестиции“, предупреди Филипче.
Тој направи и конкретна математика за тоа колку пари недостасуваат. „Десетина проценти ќе фалат при реализацијата на приходите. Тоа се 600 милиони евра. Ако на тоа се надоврзе долгот кон стопанството и неисплатениот поврат на ДДВ, тогаш околу една милијарда евра недостасуваат во Буџетот. Тоа беше една од причините зашто веројатно го затвораат порано. Тоа не се случило досега“, истакна тој.
Освен буџетската криза, Филипче предупреди на верижна реакција од поскапувања. Лошото менаџирање со енергетскиот сектор, според него, неминовно води кон поскапа струја, што директно ќе удри по џебот на граѓаните преку цените на храната.
„Поскапувањето на струјата ќе повлече поскапување на сите други продукти, следи бран на огромни поскапувања на храната, на лебот, на млекото, на јајцата. Притоа, нема најава дека ќе има зголемување на платите, бидејќи пропаѓаат преговорите со синдикатите“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче го оспори и владиниот оптимизам за економски раст од 3,7%. Според него, тој раст е само на хартија и е резултат на инфлацијата, а не на реалниот развој.
„Ако две третини од БДП е лична потрошувачка, тоа значи дека граѓаните нема да трошат повеќе за да купат повеќе производи. Тие ќе трошат повеќе пари за истото или за помало количество стока, бидејќи цените ќе бидат повисоки. Значи, ќе живеат посиромашно“, појасни Филипче.

