Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, на прес-конференција рече дека САД ја намалиле воената помош за земјата бидејќи, според него, знаат каква власт ја предводи државава.
- Пред два дена почна посетата на премиерот на Соединетите Американски Држави заедно со мал дел од организираната криминална група што ја води државата. Меѓутоа, нашиот стратешки партнер очигледно е дека знае каква власт се тие и упатија јасна порака, за жал, со што првпат се намалува воената помош за земјата. Тоа значи дека стратешките правци на земјата, што се така поставени во изминатите децении, тоа значи дека тоа што сме го граделе како доверба се руши затоа што нè води криминална власт. Сите земји, а најмногу нашиот стратешки партнер САД, знаат дека оваа власт е корумпирана, знаат дека огромна сума пари од буџетот одат на коруптивни зделки за нивни партиски фирми. Знаат и дека во земјата влегуваат кинески пари. Многу добро знаат дека премиерот и неговата група се под истрага во Унгарија за сомнителни кредити од милијарди евра, кои ќе ги враќаат којзнае колку следни генерации, дека се тоа, всушност, кинески пари – рече Филипче.
Според него, „кога имаме власт што ја поткопува демократијата, шверцува марихуана преку граница, ја контролира слободата на медиумите, носи кинески пари, нормално е нашиот стратешки партнер да ни ја намали воената помош“.
- Многу добро знаат дека е загрозена слободата на медиумите, 40 отсто од медиумите се во сопственост на луѓе блиски на поранешниот унгарски премиер Орбан, сега со влезот на српската тешка медиумска артилерија под сомнителни услови. Добро знаат дека оваа власт ги контролира медиумите. Многу добро знаат дека оваа власт е вмешана во транспорт и шверц на марихуана преку граница во Србија. Многу добро знаат дека фирмите им одат директно до луѓе блиски на премиерот – рече Филипче.
Тој оцени дека има и целосен дебакл во економските политики посочувајќи дека во вториот квартал од 2026 година странските директни инвестиции се само 18 милиони евра, според него, намалени од 250 милиони квартално, од времето кога тие ја предводеле власта.
– Сега премиерот Христијан Мицкоски најавува распродавање на земјата. Вчера го слушам кажува како ние сме биле богати со руда надевајќи се дека ќе привлече инвеститори што тука ќе отвораат рудници. Сакам јасно и гласно да му порачам: Не смее да ги распродава националните богатства! Прво, за рудници треба да се прашаат граѓаните. Треба граѓаните во средините во кои живеат да се изјаснат на референдум дали сакаат или не сакаат блиску до нивните места на живеење да се градат рудници – оцени Филипче.
Според него, тоа што тој во моментот ја води Владата „не значи дека треба да располага со националното богатство на земјата за да се спаси од делот на лошите економски политики“.
Во однос на најавите на премиерот Мицкоски од САД дека ќе се продолжи со разговорите и со европските партнери и со САД и оти нема да има изолација, туку геостратешко позиционирање на државата во регионот, Филипче рече дека ние не сме повеќе во тој клуб на држави што ќе одат напред.
– Сериозни пораки пристигнуваат. Првин за излагањето на претседателката Урсула фон дер Лајен во Стразбур кога првпат дополнителен сигнал за волја за проширување е договорот што се спрема за придружно членство за Канада. Значи, веќе самата Европска Унија размислува поинаку, се позиционира поинаку и ги отвора вратите. Притоа, најавува дека за четири земји ќе се изгради точна стратегија, пат во чекори до крајот на нејзиниот мандат, односно мандатот на оваа Европска комисија, како тие ќе станат земји членки на Европската Унија. За жал, ние не сме во тој клуб, затоа што и Фон дер Лајен и сите европски високи функционери добро знаат дека оваа влада не сака да оди напред. Тие четири земји се Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Не сме таму. Јасно и гласно ни кажуваат дека поради оваа власт ние сме во групата со Косово и Босна и Херцеговина. Ние сме слепото црево во регионот – оцени тој.
Според него, Мицкоски раскажува бајки и лаги. Ниту нешто разговараат, ниту има за што да се разговара. Се знае кој е патот. Намерно не се прават чекорите за да останеме слепото црево на Балканот. И тоа е неговата изолационистичка политика. И тоа е предавничката политика на Христијан Мицкоски, затоа што се загрозени стратешките национални интереси, затоа што ние не можеме да опстанеме како држава во оваа ситуација. Затоа што сега, кога се прави и новиот буџет на Европската Унија за следните седум години, нас ќе нѐ нема таму – истакна Филипче на прес-конференција

