Според досега обработените податоци, покрај досега освоените три градоначалнички места во првиот круг, имаме победа во уште дополнителни три. Тоа се Центар, Македонска Каменица и Зрновци.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција објави дека партијата досега освои шест градоначалници, а рече и дека очекуваат конечни резултати во уште неколку општини кадешто разликата е многу мала.

Рече дека во изминатите две недели вршен бил огромен притисок врз сите кандидати на СДСМ во 17-те општини кадешто партијата влезе во вториот круг.

-Не се бираа ниту средства, не се бираа ниту методи и тоа само говори дека се соочуваме повторно со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ, како во минатото, којашто практично ги злоупотребува сите институции кои им под контрола, рече Филипче.

Рече дека резултатите од советничките листи покажуваат од СДСМ е втора политичка партија во државата и лидер на опозицискиот блок. 

-Ова е секако поттик да продолжиме понатаму, силно да се бориме против оваа власт која никогаш повеќе нема да има таква поддршка, како што имаше на изборите минатата година. Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, јасен патоказ за мене како претседател на партијата. Јасно е какви промени треба да се направат, политички, кадровски, рече Филипче, најавувајќи дека тоа ќе се случува веќе следните денови. 

Exit mobile version