Избрани најубаво украсените дворови и тераси во Скопје.

– Во магијата на новогодишните и божиќните празници, Скопје блесна со посебна топлина, онаа што доаѓа од домовите на неговите граѓани. Во рамки на манифестацијата „Украсуваме по скопски“, беа избрани најубаво украсените домови, тераси и најинспиративниот ученички расказ, како симбол на креативноста, заедништвото и празничниот дух што го обединува градот. Оваа манифестација беше посветена на поттикнување на граѓаните активно да учествуваат во создавањето на празничниот амбиент, претворајќи ги своите домови во мали светлосни приказни што го разубавуваат секое маало и ја прават празничната атмосфера на Скопје потопла, поблиска и поискрена, порача првиот човек на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. 

 По детална евалуација и теренска посета на сите пријавени учесници, жири-комисијата ги избра највпечатливите празнични уредувања, каде што вниманието кон деталите, креативниот пристап и љубовта кон празниците беа јасно препознатливи.

– За најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа беше избрана Адријана Јовановиќ, ул. Темко Попов бр. 33а, населба Маџари – двор кој зрачеше со топлина, светлина и вистинска празнична магија.

Награда: 20.000 денари.

– За најубаво новогодишно украсена тераса од стан беше избрана Теа Ивановска, ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 149-2/7, населба Козле – пример како и мал простор може да стане голема празнична приказна.

Награда: 20.000 денари

– Во категоријата најубав расказ на тема „Новогодишни желби и празнувања“, наградата ја освои Христина Наумов I1, ученичка во СУГС „Ѓорѓи Димитров“, со искрен и инспиративен текст што ја пренесува празничната надеж и детската радост.

Награда 5.000 денари

– Со „Украсуваме по скопски“, Скопје уште еднаш покажа дека најубавите празници се оние што ги создаваме заедно, порачаа од Град Скопје. 

Exit mobile version