Премиерот Христијан Мицкоски вечерва порача дека фокусот на Владата е на консолидирањето и економскиот раст, како и на редовни парламентарни избори, кои ќе се одржат во 2028 година.
Мицкоски во интервју за Ора24.тв. на прашањето дали ќе има предвремени избори, нешто што опозицијата го споменува во повеќе наврати, нагласи дека приоритет на Владата се реформите и нивно испорачување за граѓаните.
– Граѓаните, меѓународната заедница и ние во Владата сме фокусирани на реформи и испорака за граѓаните. Тоа претставува наш приоритет. Фројд кога работи во опозицијата е повеќе од страв и сега тие тоа повеќе го артикулураат од страв дека знаат каков дебакл ќе доживаат и на следните парламентарни избори, дека ќе изгубат и сметам дека на следните избори ќе имаат и полош резултат од тој што го имаа во 2024 година, кој што беше историски најнизок резултат, кој што потоа го потврдија на локалните избори. Оваа година, нашиот фокус е во консолидирање и економски раст на државата. Иако имаме многу предизвици, зборувавме на почетокот, ние сме само тука фокусирани и концентрирани и се фокусираме на редовни парламентарни избори што ќе се случат во 2028 година, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека ќе сторат се што е нивна моќ за да ја одржат кохезијата во рамки на Владата, нагласувајќи дека имаат мнозинство, дека Владата е стабилна и имаат 61 пратеник во Парламентот.
Реконструкција на Владата најави за мај-јуни, нагласувајќи дека во моментот е фокусиран на партиската структура и доекипирањето, кое треба да се направи и кое очекува да заврши до крајот на април.


